Со донација од САД, Здравствениот дом во Пробиштип е прва гасифицирана институција во општината

Здравствениот дом „Нада Михајлова“ во Пробиштип стана првата јавна институција таму која ќе се загрева на течен гас. Претходно таму имаше реакции од граѓаните, особено за време на грејната сезона кога оџакот чадеше. Тоа поттикна да се размислува за промена на системот за загревање, па бенефитите од истото се чувствуваат веќе година дена.

„Минатата грејна сезона го почнавме греењето со течниот гас и сите вработени и соседите околу веќе знаат дека прекрасно е тоа чувство. Како што кажа Градоначалникот, нема загадување, подобро е загревањето. Секако, бевме пример за многу институции во градот. Секако, се подобрија условите во итната медицинска помош за работа, осветлувањето и кровната конструкција“, истакна директорката на Здравствениот дом, Љупка Давитков.

При посетата на Здравствениот дом Градоначалникот на Општина Пробиштип, Драган Анастасов, посочи дека проектов бил еден од приоритетите, поради тоа што е од огромно значење за граѓаните на Пробиштип.

„Станува збор за проект којшто во изминатиов период се заврши, сега има подобри услови за вработените на брзата медицинска помош. Сите знаеме колку е голема важноста на самите вработени со оглед на оваа ситуација за да имаат подобри услови, а и граѓаните. Исто така извршена е и реконструкција на кровната конструкција.“ додаде Драган Анастасов, Градоначалник на Општина Пробиштип.

Со ова за вработените целосно се подобрени условите за работа. Донацијата им овозможила подобро функционирање, но и измамила поголемо задоволство кај пациентите. Просторот е реновиран, но имаат и нова апаратура. Претходно немало со што конкретно да се работи, а сега ова е од голема важност и за работа на терен и за во ординациите.

Ваквата инвестиција е финансиски поддржана од САД, за кои Министерот за здравство, Венко Филипче, кажа дека е еден од најголемите стратешки партнери. Помошта од таму пристигала и за менаџирање на ковид – кризата, но и во целиот сектор здравство во последните 20 години. Сега благодарение на нив е решен и проблемот со аерозагадувањето.

„Овој проект е дел од една серија на проекти за зајакнување на здравствените институции во нашата земја, па потоа клиниката за неврологија, детска хирургија, болницата во Демир Хисар, ургентниот центар во болницата „8 Септември“. Ова е проект којшто е сега завршен“, посочи Министерот.

На посетата присуствуваше и донаторот, Генералот на американската подморница, кој истакна дека за него е особена чест што е овде. Она што денес се гледа како резултат во Пробиштип било последица на нивната долгогодишната соработка.

„Ова само ја покажува длабочината на нашата соработка и посветеноста која ние ја имаме кон луѓето овде. Ова, веројатно, е едно од најзначајните искуства во текот на мојата воена кариера – да бидеш поврзан со толку прекрасна земја. Сакам да доаѓам овде и ќе продолжам да го правам тоа. Се надевам на соработка и во наредните 20 години“, истакна генерал – мајорот Грегори Најт, командант на Националната Гарда на Вермонт.

Овој проект беше започнат во октомври 2019, а е поддржан од Амбасадата на САД и Командата на морнарницата на САД за инженеринг на објекти. Донацијата е во висина од 200 илјади долари.

Ребека Спасова МНет