
Социјално – загрозени граѓани денес добија ручек во црквата „Св. Троица“ во населбата Баби, на излезот од Штип. Ручекот беше организиран точно напладне, а Далибор Спасков вели дека поводот е тоа што на денешниот ден, по раѓањето на Исус Христос, се погубени 14.000 деца во Витлеем.
„Денешниот ден претставува погубување на 14.000 деца во Рахила, односно во Витлеем, кога царот Ирод го надмудрија мудреците и имаше наредба да бидат погубени заради Христа сите машки деца до две години. Затоа во чест и слава на Рождеството на Господ Исус Христос ги повикавме сите сиромашни деца да дадеме еден ручек, во спомен, чест и слава“, вели Далибор Спасков.
Социјално – загрозените лица секојдневно добиваат храна од неколкуте пунктови во градот, а денес се собрани на едно место. Ова не е првпат да се организира ваков ручек, па гладните се повикани да доаѓаат постојано во оваа црква.
„Некогаш за Велигден ги викаме, некогаш по Божик, некогаш на Василица, кога – како. И нека доаѓаат секогаш, ама ние обавезно одредуваме еден ден за нив“, додава Спасков.
Во врска со настанот, од МПЦ-ОА велат дека се дистанцираат од истиот и активностите во оваа црква не се во склоп на православната црква.
Ребека Спасова М-Нет