
Второлигашот Слога од Виница преку соопштение ја информираше јавноста дека се исплатени сите долгови кои ги имаше клубот. Исплатени се долговите кон моменталниот играчки кадар за плати и превоз.
Од виничкиот второлигаш најавуваат дека во следниот период ќе работат на ангажирање на потребни засилувања, со што во пролетниот дел ќе атакуваат на опстанок во Втората македонска фудбалска лига.
„Почитувана фудбалска јавност, навивачи и симпатизери на нашиот клуб со гордост сакаме да објавиме дека ние како клуб и управа успеавме да ги исплатиме сите долгови кон моменталниот играчки кадар во клубот во смисла на плати, превоз и слично. Така да, во наредниот период ние како клуб ќе се насочиме кон доведување на потребните засилувања, со што би зачекориле во пролетниот дел од сезоната со една квалитетна и компактибилна екипа како што беше во изминатиот период и при тоа би го избориле опстанокот во Втора лига. Иако во изминатиот есенски дел ние како клуб и управа бевме затечени со неколку долгови кои беа терет за клубот, но со ефикасно и одговорно работење тој долг го сведовме на минимум за да овој пролетен дел го започнеме растеретено и со солиден финансиски буџет кој е обезбеден од страна на општината и неколку еминентни фирми од државата кои во иднина ќе бидат столбот на нашиот клуб“, се вели во соопштението на клубот.
По 15 одиграни кола во есенската полусезона, екипата на Слога Виница се наоѓа во опасната зона, односно на 14-тото место со десет освоени бодови.