Слога Виница е шампион во Трета лига – Исток, Шкендија Арачиново во следното коло ќе биде шампион во ТМФЛ – Север, се чека на уште три шампиони!

Слога Виница на четири кола до крајот стана шампион во Трета лига – Исток, откако тимот на штипскиот стратег Емил Грнев има 39 бодови со учинок од 13 победи и само еден пораз, а притоа го има најефикасниот напад од 70 гола, со примени само шест.

На второто место е Брегалница од Делчево со 24 бодови и со тоа тимот од Виница го обезбеди шампионскиот пехар и се чекираше во баражот за Втора лига.

Шкендија Арачиново во следното коло ќе го обезбеди шампионскиот пехар на шест кола до крајот во Трета лига – Север. Тимот од Арачиново е перфектен со 18 победи и едно реми и на своето конто има 55 бодови, 19 повеќе во однос на Фортуна која е втора со 36 бодови, па така Шкендија Арачиново во следното коло ќе стане шампион.

Ќе останат да се прогласат шампионите во останатите три региони, а притоа да видиме и која екипа од Втора лига ќе заврши на 14-тото место и со тоа да ги имаме сите екипи кои ќе играат во баражот за Втора лига.

Во Трета лига – Југ битката за тоа кој да биде шампион ја водат лидерот Големо Коњари кој има 42 бодови и Превалец кој е втор со 38 бодови. Четири бодови предност за лидерот, кој нема право на грешка, но и Превалец нема право на грешка. Овие две екипи ќе ја водат борбата до последното коло.

Во Трета лига – Запад сериозна бодовна залиха има Тетекс кој е прв со 44 бодови, а пак Влазерими од Кичево е втор со 37 бодови на своето конто. Речиси извесно е дека „штофарите“ ќе бидат шамоиони со оглед на тоа што имаат седум бодови предност, па тоа ги става во ситуација на две кола до крајот ако не погрешат да бидат шампиони.

Во Трета лига – Југозапад на врвот е Преспа со 35 бодови со што тимот од Ресен оди кон подигање на шампионската титула и со тоа обезбедување на баражот за Втора лига.

На второто место е Сатеска од Волино со 29 бодови, а на третото место е Кораб со 28 бодови, но тимот од Дебар има и меч повеќе.

Веќе се сигурни Шкендија Арачиново и Слога Виница, а пак во Трета лига – Југозапад екипата на Преспа и во Трета лига – Запад екипата на Тетекс зависат сами од себе, додека пак во Трета лига – Југ и натаму ќе гледаме неизвесност меѓу Големо Коњари и Превалец.

Баражите за Втора лига се играат на неутрален терен, двојките се утврдуваат преку ждреб, а екипите се петте шампиони во Трета лига и второлигашот кој ќе заврши на 14-тото место.

Александар Ванев, М-Нет