Слога Виница го подигна шампионскиот пехар, тимот предводен од штипскиот стратег Емил Грнев се подготвува за баражот за Втора лига

ФОТО: Александар Ванев, М Нет телевизија

Слога Виница вчера го одигра последниот меч на домашен терен и пред својата публика го подигна шампионскиот пехар во Трета лига – Исток, па така тимот на штипскиот стратег Емил Грнев сега се подготвува за баражот за Втората македонска фудбалска лига. Екипата на Карбинци со шпалир им честиташе на фудбалерите на Слога Виница за шампионската титула.

Во доминантна сезона со голем играчки квалитет во своите редови третолигашот од Виница немаше проблем да го обезбеди првото место и баражот за Втора лига.

Слога играше против Карбинци кој го доби со убедливи 7:1, а на кој меч Филип Петковски постигна четири гола, по еден гол постигнаа Иван Настевски и Љупчо Христовски, додека пак за Карбинци гол постигна Тоше Стојанов, кој го отвори резултатот за Виница, а пак Миле Димитров си постигна автогол.

„За тоа што дојдовме ние го исполнивме ете завршивме прво место го освоивме Истокот, така да сите мисли ни се насочени кон баражот, максимално си тренираме, максимално даваме на секој тренинг, Емил Грнев си е одличен тренинг си ја знае работата, така да нема никакво олабавување, максимално сме стегнати ментално и физички, така да ние сме насочени само кон влез во Втората лига“, вели искусниот Иван Настевски.

Слога Виница сега се насочува кон баражот, како што вели Настевски баражот е еден меч, да се биде или не.

„Па добро, нормално искуството си го прави своето, баражот е еден натпревар, тука да се биде или не. Но ние сме ментално спремни добра екипа, така да очекувам да влеземе апсолутно“, додава Настевски.

Слога Виница одигра одлична сезона, фудбалерите се задоволни од тоа што го одиграле, а во соблекувалната владее позитивна атмосфера.

„Уште на почетокот кога дојдов добро се вклопив во екипата и добро се подготвивме за сезоната во вториот дел. Се подготвивме добро и мислам дека го покажавме и се трудевме да го покажеме квалитетот на секој натпревар што ни претстоеше. Сега ни останува уште со Овче Поле да одиграме и да ја чекаме ждрепката да видеме со кого ќе се паднеме“, вели Виктор Крстевски.

Крстевски вели дека се подготвени за било кој противник кој ќе им се падне преку ждрепка за баражот.

„Мислма со кој и да ни се падне тоа е нели ждрепка сепак и ние сме подготвени за секој противник, но сепак ќе проследиме и ќе видиме како што и ќе се подготвиме максимално за баражот бидејќи ние најважен во сезоната“, додава Крстевски.

Пред тимот од Виница останува баражот како главна цел, Амедов истакна дека е задоволен како одиграле во текот на целата сезона.

„Па ние како екипа домиравме на секој натпревар во ова сезона останува само да го добиеме бараж натпреварот и да влеземе во Втора лига“, вели Октај Амедов.

Како што вели Амедов ќе мора да се добие бараж натпреварот со цел сезоната да се заврши успешно.

„Ние сме задоволни од самите себе и од управата и од шефот на стручниот штаб од сите сме задоволни, останува како што кажав да го добиеме бараж натпреварот бидејќи ако не го добиеме ништо не сме направиле без разлика на се. Ако сме доминирале 100% на секој натпревар ако не го добиеме баражот тоа значи дека ништо не сме завршиле“, вели Амедов.

Веќе се прават анализи во Виница за баражот и за можните противници, но играчите веруваат во себе.

„Да правиме, бидејќи сега како што знаете може да ни се падне екипа од Втората лига, како и од Трета лига, но без разлика на противникот ние сме фокусирани повеќе на себе, така да мислам дека и во бараж натпреварот ќе бидеме ние фаворити и ќе го добиеме“, додава Амедов.

Пред Слога Виница е уште еден меч од последното 18. коло на Трета лига – Исток во Свети Николе против Овче Поле, а потоа ќе следува подготовки за баражот за Втора лига. Речиси сите екипи се познати, тоа ќе бидат Слога Виница, Шкендија Арачиново, Тетекс, Преспа и Големо Коњари, а пак Осогово како второлигаш ќе се бори за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет