Силекс се засили со искусниот Ален Јашароски

Кратовскиот прволигаш Силекс го промовираше Ален Јашароски како најново засилување за новата сезона од Првата македонска фудбалска лига. Искусниот офанзивец по две години поминати во Воска Спорт ја промени средината и во новата сезона ќе престојува во Кратово каде ќе настапува за тимот на Силекс.

Јашароски со Воска Спорт ја освои Втората лига и со тоа охридскиот клуб за првпат во својата историја заигра во Првата македонска фудбалска лига.

32-годишникот во својата кариера покрај за Воска Спорт, има настапувано и за Скопје, Македонија ЃП, Ренова, Еуромилк ГЛ, Шкупи, Работнички, Хоризонт од Турново, Металург, а настапуваше и за екипата на Приштина од Косово.

Јашароски оваа сезона во дресот на Воска Спорт постигна осум погодоци, запиша три асистенции, одигра 27 натпревари и притоа помина на фудбалските терени 1232 минути.

Претходно, Силекс се засили со Илија Донов од Брегалница и со повратникот Дарко Додев.

Александар Ванев, М-Нет