Се спроведува хуманитарна акција за Верица, која се здоби со тешки изгореници на 50 проценти од телото

Градот повторно се обединува околу една хумана мисија, да и подаде рака на Верица, мајка, сопруга и храбра жена која веќе со месеци ја води најтешката битка во својот живот. Во тек е хуманитарна акција за собирање донации, со цел да се обезбедат средства за нејзиното понатамошно лекување, рехабилитација и неопходната медицинска нега.

На 24 мај, животот на Верица засекогаш се промени. Во трагичен несреќен случај таа се здоби со тешки изгореници од втор и трет степен на околу 50 проценти од телото. Само два дена подоцна беше префрлена на лекување во Софија, Бугарија, каде и денес ја води најважната животна битка – битката за закрепнување.

Од нејзиното семејство велат дека, и покрај бројните операции, неизмерната болка и долгите денови исполнети со неизвесност, најтешкиот дел допрва претстои. Пред Верица се најмалку уште една година лекување, нови медицински интервенции, рехабилитација, специјално изработени компресивни облеки и постојана медицинска нега.

Сето тоа носи огромни финансиски трошоци, кои семејството тешко може само да ги поднесе. Затоа тие упатуваат искрен апел до сите хумани луѓе – секоја донација, без разлика на нејзиниот износ, е нова надеж, нова сила и чекор поблиску до закрепнувањето на Верица.

Да покажеме дека хуманоста се уште живее меѓу нас. Да се обединиме и да ѝ помогнеме на Верица повторно да застане на нозе, да се врати кај своето семејство и да ја продолжи својата животна приказна.

Дајана Сандева, М-Нет