Се роди Кристијана, првото новороденче во 2024 година во Штип

Седум минути по полноќ во приватната болница ,,Д-р Органџиски” се роди првото бебе во Штип. Бебето е женско, тешко 3070 г, долго 51 см, а мајката е родилка од Радовиш.

,,Раѓањето се изврши со помош на царски рез, нашата родилка е во добра здравствена состојба и сме презадоволни и благодарни нејзе”, рече д-р Стојан Органџиски.

Традиционално, мајката и новороденчето ги посети градоначалникот, Иван Јорданов, кој им посака добро здравје и им подели скромни подароци.

,,Нѐ израдува информацијата дека во новата 2024 година се роди здраво женско дете во приватната болница ,,Д-р Органџиски”. Посакувам многудетна година и да се гледаме само за убави работи”, рече Јорданов.

Во добра здравствена состојба е и родилката, Мими Долдуров. Ова е нејзина втора рожба, а новороденчето ќе го добие името Кристијана.

,,За Болницата имам само пофални зборови, цела бременост бев во нивните раце. Имам детенце 7 години, ова ми е второ”, вели Мими.

Градоначалникот, Иван Јорданов, најави дека оваа година ќе посетат две институции. Штом ја добијат информацијата за првороденото бебе во Клиничката болница во Штип, ќе ги посетат родилката и новороденчето.