Се почесто напуштени миленици на улиците, алармираат граѓаните

Се почесто домашни миленици завршуваат на улица, малите во канта за отпадоци, поголемите напуштени надвор од градот. Револтирани, граѓаните во Штип велат дека овој злочин станува секојдневие. Наместо да се чуваат, многу од нив имаат трагичен крај, умираат од глад или завршуваат задушени во кеси за отпадоци. Според граѓаните, се помалку луѓе имаат совест и чувство за секое живо суштество.

На прашањето дали треба казни за сторителите, граѓаните имаат поделени мислења. Едни сметаат дека се неопходни, додека други велат дека без култура и свест, казните не значат ништо.

Она што останува е апел до граѓаните, доколку забележат напуштени или злоставувани животни, веднаш да пријават во здруженијата за заштита на животните или кај надлежните институции. Наместо фрлање и игнорирање, да се избере пријавување и грижа, зашто и тие се живи суштества што чувствуваат болка и страв.

Иван Митев, М-Нет