Се полнат болничките капацитети во штипската и кочанската болница, починале пак две лица

Повторно висок број на хоспиталиизрани ковид пациенти во штипската болница, а зголемен е и бројот не примени пациенти во кочанската. Извештаите од болниците покажуваат можност за почеток на нов ковид бран. Во штипската болница хоспитализирани се 60 пациенти, од кои 54 на Инфективното одделение и шест на Кожното. Седум лица се на дневна болница. Во последните 24 часа новопримени се дури осум пациенти, испишани само три. Загрижува фактот што се поголем број од хоспитализираните се со потреба од кислоордна поддршка. Моменталната слика покажува дека над 71% од хоспитализираните се приклучени на апарати за дишење. Вакцинирани се 14 пациенти, а моментално слободни се 10 кревети од кои шест на Инфективното одделение и четири на Кожното, информираше портпаролот на Клиничка болница Штип, Марина Шуманска. И повторно битката со ковид 19 ја изгубиле две лица во штипската болница, едно на 73 годишна возраст од Злетово и едно на 83 години од Кочани.

Во Кочани хоспиталзирани се 15 пациенти на Интерното одделение, од кои седум се вакцинирани, а пет се на кислородна поддршка. Во последното деноноќие новопримени се три пациенти, а испишан еден. Слободни се 12 ковид кревети, информираат од кочанската болница.

Во општините од Истокот моментално активни се 761 ковид случај, од кои најмногу во Штип 250 и во Кочани 219. Со овие податоци Штип е на седмото место во државата по активни ковид случаи, а Кочани веднаш зад него. Во останатите општини од Истокот бројката е двоцифрена. Најмалку ковид активни случаи има во Пехчево само три.

Според информации од Министерството за здравство, заклучно со вчера во земјата се направени вкупно 1.409.078 тестирања на КОВИД-19.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 206.233, бројот на оздравени пациенти е 191.132, на починати е 7.242, а бројот на активни случаи изнесува 7.859.

Лаура Стојанова М-Нет