Селска солидарност во пехчевско Панчарево, жителите заеднички се борат против мразот на патот

Заеднички, со тимска работа, петнаесетина семејства од пехчевското село Панчарево секоја зима се борат со мразот кој им прави проблеми на селскиот пат. Жителите велат дека Општината работи и патот е добар, но оти мора и сами да го решаваат проблемот, зашто со него се засегнати едниствено тие. Посочуваат дека ова не се случува често, но кога е така, се собираат заеднички и кој колку може, со оглед на работните обврски, придонесува за доброто на целото село.

„Нѐ затекнавте во правилно време, да кажеме, во временски неприлики. Доаѓа Општината, не можеме да се пожалиме, добро е досега, ги одржуваат патиштата, ама секаде не може да постигнаат и они. Патот е прилично добар, со бекатон е целиот, но си имаме проблем зимно време, сега сме принудени сами да се снаоѓаме“, објаснува жител на селото.

„Ова зимо двапати има замрзнато патот. Зависи, ако е студено се задржува подолго, може и до 40 дена да се задржи мразот“, вели жител на селото.

Селото е ридско-планинско, а куќите се издигаат на надморска височина од 800 до 1.000 метри. Бројот на жителите во селото за дваесетина години, од претпоследниот до последниот Попис, се намалил за безмалку двесте. Во 2002 година овде имало 375 жители, сите Македонци, а во 2021 година во селото живееле 205 жители, од кои 185 Македонци и 20 лица без податоци.

Ребека Спасова М-Нет