Секое дете заслужува торта, Бранкица од Пробиштип прави роденденски торти за децата од ранливи категории

Секое дете заслужува торта, свеќичка и насмевка, Бранкица Миновска од Пробиштип прави роденденски торти за децата од ранлива категорија. Веќе половина година работи на реализација на нејзиниот проект – среќа, кој го има замислено многу оддамна во 2011 година, но сега започнува вистински да го реализира. Поддршка има од повеќе страни, од граѓани кои живеат во странство и на таков начин се помага на децата кои имаат навистина најголема потреба од тоа.

„Идејата е оддамна, од 2011 година од раѓањето на мојот прв син, бидејќи тогаш немав можности за торта и си ветив самата на себе дека еден ден ова ќе го реалзиирам. Многу се радувам бидејќи во последно време имам поддршка од многу граѓани кои не живеат во нашата држава и нивната поддршка многу ми значи.“ – вели Миновска.

Еден роденден за дете од ранлива категорија значи многу, ќе каже Бранкица, додавајќи дека сликата на терен не се опишува со зборови. Среќата и насмевките се неизоставен дел од ваквите настани, бидејќи сите деца заслужуваат да бидат среќни и насмеани, да замислат желба за својот роденден и да дувнат свеќичка.

„Видов дека во нашиот крај, ајде Штип е поголемо место, но во Источниот дел има многу мали гратчиња каде егзистенцијата е многу тешка. Некои деца навистина немаат ниту за торта, ниту за роденден, за ништо.“ – вели Миновска.

Радува фактот што стапките на Бранкица веќе ги следат и други, па вакви настани се органзиираат и во останатите градови во Истокот.

„Тоа ме многу радува. Тука во Штип игротека нуди комплетен роденден за деца од ранлива категорија, во Кочани исто така има две девојчиња кои прават декорација за роденден и тие сега направија роденден што изгледаше навистина фантастично.“ – додава Миновска.

Дополнително, новогодишни пакечиња добија и децата од посебната паралелка од ООУ „Ванчо Прќе“ Штип, во ООУ „Браќа Миладиновци“ воПробиштип како и во дневниот центар во Пробиштип.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет