СДСМ Карбинци: На +40 жителите се без вода за пиење Паунов: Проблеми со водоснабдувањето нема

На температури повисоки од 40 степени неколку населени места во Општина Карбинци се оставени без вода за пиење, обвинија денеска од ОО на СДСМ Карбиници. Во соопштението кое го испратија посочуваат дека жителите не заслужуваат ваква неспособност.

„Неспособната локална власт во Карбинци на +40 температура ги остави без вода дел од жители во Општината. Овие денови неколку села воопшто немат вода за пиење а во поголемите села Таринци, Карбинци, Радање, Аргулица во попладневните часови притисокот во водоводната линија е намален, а во некој населби и воопшто нема вода по неколку часа. Додека жителите се соочуваат со проблем од недостаток на вода за пиење, градоначалникот Виктор Паунов се разладува на некоја од плажите во Грција. Жителите на општина Карбинци не заслужуваат ваква неспособна неодговорна и ненародна локална власт. “ – стои во соопштението од ОО на СДСМ Карбинци.

Градоначалникот Паунов вели проблеми со водоснабдувањето нема, само во повисоките места е намален притисокот на вода. Ама додава дека се работи на решавање и на овој проблем.

„Во Општина Карбинци водоснабдувањето се одвива непречено во сите населени места без никакви дефекти до овој момент. Проблемот со притисокот на вода во повисоките места е повеќегодишен проблем кој СДС кога беше на власт можеше да најде решение, но тие воопшто не беа заинтересирани. Во Таринци градиме нов резервоар за вода кој наскоро ќе биде завршен и проблемот со капацитетот на вода ќе биде минато. Новото водоснабдување од ХС Злетовица ќе започне наскоро при што 80% од населението ќе имаат нов водоснабдителен систем. За разлика од СДС ова раковдоство на општината работи на крупни капитални проекти за водоснабдување“ – велат од Општина Карбинци.

Лаура Стојанова М-Нет