СВР Штип најави засилени контроли: Под лупа мопедите, електричните тротинети и нарушувањето на јавниот ред и мир

СВР Штип ги информира граѓаните дека во наредниот период ќе спроведува засилени сообраќајни контроли, како и контроли за почитување на јавниот ред и мир, со посебен акцент на управувањето со мопеди и електрични тротинети.
Како што соопштуваат од полицијата, акциите ќе бидат насочени кон проверка на почитувањето на сообраќајните прописи, користењето на задолжителната заштитна опрема, управувањето без соодветна возачка дозвола, техничката исправност на возилата, како и санкционирање на прекумерната бучава, безобѕирното и опасното однесување кое ја загрозува безбедноста на останатите учесници во сообраќајот и граѓаните.
Од СВР Штип апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат законските прописи, да управуваат совесно и одговорно и со своето однесување да придонесат за поголема безбедност на улиците, како и за зачувување на јавниот ред и мир.
Полицијата нагласува дека ваквите контроли имаат превентивна цел и се насочени кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на ризиците од сообраќајни незгоди и други нарушувања на јавниот ред.