
Секогаш велам дека морам да одам во Штип, а кога доаѓам тешко ми е да излезам. Со овие зборови единствената преживеана Еврејка од Штип, Рашела Сион, денес Алтарац, ја објаснува тегобата која ја доживува овие денови, три години откако последен пат била во Штип.
„Не сакав да излезам во Штип. Синоќа моето семејство излезе малку да прошета низ Штип, а јас им реков дека сум уморна. . Се вовлеков во креветот и малку плачев. Тешко е да се вратам во Штип, секогаш сакам да дојдам, а кога ќе дојдам, не можам да излезам надвор“, вели Рашела.
Тој март беше страшен, вели Рашела. Набрзина ги зеле од дома, а кога се качиле во возот, ја изгубила мајка ѝ. Силно преплашена дека ќе остане сама, плачела силно, а некои постари Евреи ја тешеле дека ќе ја чуваат и така било сѐ додека не пристигнале во логорот.
„Тоа беше нешто страшно, чукаа на врата, брзо требаше да се симнеме, за најмногу половина час. Јас бев разгалена, велев дека не можам да се симнам. Не сакав да станам, да одам. Мама ми велеше немој да бидеш разгалена, стани, облечи се, тоа беше првпат да викаше на мене. Јас се симнав, ама да знаев барем зошто се симнувам. Дете од осум години, одев со сите без да знам каде одам“, раскажува таа.
Во логорот била и нејзина повозрасна сестра, со која успеала да се спаси. Мајка ѝ иако била преплашена од тоа што им се случувало, сепак загрижена за ќерка си ја турнала за да ја спаси. Кога стигнале до граница, го виделе полниот воз во кој ги товареле Евреите. Плачевме силно, вели Рашела.
„Мојата сестра беше венчана во Приштина, а тие не беа на списокот да бидат земени оти тоа беше Косово. Неа ја пуштија да излезе од логорот, беше и таа тама. Неа ја пуштија, а мојата мајка ме бутна мене, рече – земи ја малата со тебе. Таа беше преплашена, а јас ништо не разбрав. Јас ѝ ја подадов раката, а таа не можеше да ме држи. Стигнавме до границата, ја прашаа која си, што си, од каде си, а мене како да не ме видоа. Веројатно, мислеа дека сум нејзина ќерка, не знам“, додава таа.
Името на Рашела стои и на споменикот на Евреите – жртви на фашистичкиот терор, депортирани од Штип на 11.3.1943 и уништени во логорот на смртта во Треблинка, во Полска. Не беше лесно, завршува Решела, ми зедоа се, мајка, брат, две сестри.
Ребека Спасова М-Нет