
Со дербито на Истокот меѓу Осогово и Каменица Саса беше отворено 8. коло во Втората македонска фудбалска лига, натпревар кој гледачите на телевизија М Нет имаа ексклузивна можност да го проследат во живо преку директен пренос од Кочани.
Двете екипи по две години одново се соочија на „Никола Мантов“ во Кочани, а исходот од големото дерби меѓу овие две екипи беше поделба на бодовите откако ремизираа играјќи 1:1.
И двете екипи се на дното од табелата и практично оваа беше дерби за директен и сигурен опстанок во Втората лига. Капитенот Тоше Манов во 35. минута постигна гол за ерупција на домашната публика при водството на Осогово од 1:0.
На полувреме „жетварите“ имаа гол предност и во вториот дел влегоа со позитивен резултат. Сепак водството не беше сочувано до крај, откако резервистот Андреј Симевски во 84. минута ја смести топката во мрежата на Јованоски за конечни 1:1 и „ладен туш“ за навивачите на Осогово.
Саса и понатаму останува на претпоследното месот со 6 бодови, колку што има и Вардар Неготино кој е на 14. место, додека пак Осогово сега е на 13. место со 7 бодови колку што има и ланскиот прволигаш Скопје кој е на 12. место.
Сепак, колото ќе биде комплетирано утре и може да има промени во долниот дел од табелата.
Утре Охрид на домашен терен ќе игра со Арсими, Пелистер ќе се соочи со Скопје на домашен терен, лидерот Беса ќе го пречека Вардар Неготино во Врапчиште, Тетекс биде фаворит на мечот со Караорман, Башкими во Голема Речица ќе игра со Кожуф, Победа ќе игра со Детонит Плачковица на домашен терне, додека пак Беласица на „Кукуш“ во Турново ќе биде домаќин на Новаци.