Родителите на загинатите од Пулс, на 19 ноември ќе ја следат судската расправа

Родителите на дел од загинатите од пожарот во Кочани највија дека на 19 ноември ќе ја следат првата судска расправа. Тие во своето обраќање до јавноста порачаа дека нема да дозволат случајот да се претвори во уште еден број во судските статистики, туку ќе инсистираат правдата и вистината конечно да излезат на виделина.

„На 19 ноември ќе бидеме во судницата со тешки срца, но со непоколеблива волја. Нема да дозволиме случајот да се сведе на административни фрази. Сите пропусти, коруптивни игри и кршења на правилата мора да се разоткријат. Сакаме ова судење да не биде само формалност, туку споменик на вистината. Да се чуе секој доказ, секоја снимка, секој сведок, и конечно да се именуваат сите одговорни – од оние што потпишувале дозволи, до оние што ги игнорирале безбедносните ризици“, порачуваат родителите.

Додаваат дека Овие луѓе, обвинетите, ги нарекуваат убијци не затоа што сакаат да користат остри зборови, туку затоа што тоа е вистината: нивните дела, нивната негрижа и нивната корупција донесоа смрт.

А што е уште потажно, многумина од нив и денес не покажуваат ни трошка жал, ниту искрено сочувство. Нивниот однос кон нас, родителите кои останавме со незалечива болка, зборува за страшна празнина, молк пред човечката трагедија“, стои во нивната изјава.

Првото судење за трагедијата е закажано за 19 ноември, а обвинети се 34 физички и три правни лица, меѓу кои се сопственикот и управителите на дискотеката, како и поранешни градоначалници и министри.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет