
Во наредниот месец ќе започнат активностите за реконструкција на училишните спортски сали во Штип. Ќе се работи на подобрување на условите во спортските сали во основните училишта „Тошо Арсов“ и „Димитар Влахов“. Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, реконструкцијата овде е неопходна и се очекува да заврши за неколку месеца.
„Дополнително предвидено е реконструкција и на училишната спортска сала во ООУ „Димитар Влахов“. Знаете дека голем број на спортисти, спортски клубови, рекреативци ги користат овие спортски сали и оваа година ќе бидат реконструирани“ – вели Јорданов.
Освен училишните спортски сали, ќе се работи и на останати проекти во областа на образованието. Со половина милион евра средства од Министерството за образование и наука ќе се инвестира во реконструкција на кровот на штипската гимназија, уредување на спортски терен, реконструкција на дел од тоалетите во Тошо Арсов и слично.
„Предвидени се и други зафати. Во ООУ „Тошо Арсов“ ќе се работи на реконструкција на дел од тоалетите, на уредување на неколку спортски терени во подрачното училиште во населбата Македонка. Дополнително во СОУ „Славчо Стојменски“ завршена е тендерската постапка за реконструкција на кровот“ – вели Јорданов.
Дополнително ќе се работи и на реконструкција на уличките кои водат до ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ во Штип. На ваков начин ќе се работи на подобрување на условите во образовните институции во Штип.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет