
Ќе добијат ли Штипската гимназија и училиштето „Гоце Делчев“ реконструкција на кровот? Проектите се содржани во планот за енергетска-ефикасност за 2023 година, а префрлени се од минатата година, кога немаше нивна реализација. Освен овие два проекта, во планот се содржи и промената на водоводните линии од страна на ЈП „Исар“, проект кој се спроведува во текот на сите три години за кои е направен планот, од 2021 до 2023 година.
„Имплементирањето на проектите кои беа предвидени со акциониот план за 2023 година се дадени во Табела 8. За 2023 година се предвидени следниве проекти: реконструкција на кров на СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“, реконструкција на кров и поставување на енергетско-изолациона фасада во ООУ „Гоце Делчев“ и изградба на нови водоводни линии и реконструкција на постоечките“, образложи Наташа Шијакова од Одделението за ЛЕР при Општина Штип.
Кровот на Гимназијата минатата година беше на чекор до реконструкција, со тоа што беше завршен јавен повик и избрана фирма на јавен тендер, но на крај процесот беше стопиран. Договорот со фирмата беше раскинат обострано, со што кровот не се реконструираше во 2022 година, а парите се пренаменија. Според раководството на училиштето, стануваше збор за зачувување на безбедноста на учениците, како и спречување на можен прекин во наставата. Тогаш беше посочено дека токму од тие причини најповолен период за реконструкција би бил летниот распуст.
Реконструкцијата на водоводната мрежа, пак, од страна на ЈП „Исар“ се спроведува тековно, меѓутоа за целосно решение на проблемот со старата и дотраена мрежа Општината предложи искористување на парите од самопридонесот.
Акциониот план е дел од Програмата за енергетска-ефикасност, којшто е обврска да биде донесен согласно со Законот за енергетика.
Ребека Спасова М-Нет