Ракометарите на Драчево го декласираа Текстилец од Штип, Еурофарм Пелистер 2 славеше со 30 гола разлика!

Во рамки на седмото коло од Првата ракометна лига ракометарите на штипски Текстилец запишаа нов висок пораз откако беа декласирани од Драчево со резултат од 38:26. За штипјани ова е шести пораз, а имаат само еден триумф, додека пак Драчево на овој меч беше апсолутен фаворит.

Лазар Стојанов постигна девет гола кај победничкиот тим, а кај штипјани сосема очекувано Филип Џинес беше најдобар со девет реализации.

Неизвесно дерби одиграа Мулти Есенс и Металург РА во меч каде ланскиот суперлигаш беше подобар со 23:22, Партизан дома беше поразен од ланскиот суперлигаш Скопје со високи 27:32.

Младост Богданци со 37:33 го декласираше ланскиот суперлигаш Вардар Неготино со што за домаќинот ова беше важна победа во трката за место во плеј-офот.

Еурофарм Пелистер 2 кој лани испадна од Суперлигата како на тренинг натпревар со 41:11 го декласираше тимот на Јехона, а пак Македонија ЃП го декласираше тимот на Преспа Вардар од Ресен со 27:18.

Колото ќе се комплетира утре со мечот меѓу Овче Поле и Кичево кој се игра во Свети Николе.

Александар Ванев, М-Нет