Радовиш убедливо го „среди“ Шампион и победнички патува во баражот за Суперлигата

ФОТО: Телевизија М Нет

Радовиш победнички патува во баражот за Суперлигата, со што екипата предводена од Спасе Ѓоргиев и Александар Долдуров ќе има можност по една година да се врати во македонската ракометна елита.

Тимот на Радовиш на домашен терен со високи 37:30 го совлада „фенерџијата“ Шампион.

Кај екипата на Радовиш Костадин Ѓоргиев со 11 погодоци беше најдобар, а кај Шампион најдобар беше Христијан Сибиновски со десет гола.

Сега Радовиш ќе треба да го сочека исходот од последното коло од плеј-аутот на Суперлигата, а со тоа и да го дознае противникот за баражот, а тоа може да биде Куманово, Прилеп или Еурофарм Пелистер 2.

Откако и официјално ќе биде познат противникот на радовишани ќе се утврди градот и спортската сала домаќини за тој бараж натпревар кој се игра на неутрален терен.

Александар Ванев, М-Нет