
По пет одиграни кола време е за кратка анализа во Првата македонска фудбалска лига. На стартот од новата сезона дефинитивно хит е Работнички кои по пет одиграни кола има скор од три победи и две ремија и со 11 бодови го дели првото место со Шкендија која има ист скор.
Некогашниот шампион од Тетово има гол разлика од 9 постигнати и три примени погодоци, а пак Работнички кој последно освои титула во сезона 2013/2014 има постигнато седум погодоци со два примени.
Шампионот Струга е трет со 10 бодови на своето конто, скор од три победи еден пораз токму од Работнички и реми со Пелистер во Битола.
Силекс е четврти со девет бодови кој има три победи и два порази, а толку бодови има и Гостивар кој пак има скор од три ремија и две победи.
Новиот тренер Горазд Михаилов ја врати Брера Струмица на победничките патеки со што струмичани забележаа втор сезонски триумф и на своето конто имаа шест бодови со скор од две победи и три порази.
Шкупи во новата сезона не игра како што посакува, на Чаир се случи и тренерска промена, но Шкупи е седми со пет бодови, а на овие пет кола забележа два порази, две ремија и само една победа во градското дерби со Вардар.
Пелистер кој е повратник во елитата има исто така пет бодови на своето конто со скор од два порази, две ремија и една победа.
Останатите екипи имат по четири бодови и со идентични скорови. Беса е деветта со четири бодови, потоа доаѓа Тиквеш, Воска Спорт и на дното е Вардар.
По пет одиграни кола во Првата македонска фудбалска лига фудбалерот на Силекс, Марко Ѓорѓиевски е најдобар стрелец со пет постигнати погодоци.
На делба на второто место се двајца фудбалери, Фитон Адеми од Шкендија и Ѓорѓе Ивковиќ од Брера Струмица со по четири постигнати погодоци.
Следнот викенд на програмата ќе бидат натпреварите од 6. коло.
Александар Ванев, М-Нет