
Пуштени во употреба првите подземни контејнери во централното градско подрачје во Штип. На локација кај штипскиот Безистен поставени се три подземни контејнери, инвестиција на општината вредна нешто повеќе од половина милион денари. Целта е отпадот да се депонира на Европски начин, а тенденција е да се постават и на неколку други локации во Штип.
„На една локација во центарот на Штип воведовме нов метод за депонирање на отпад кој се надевам ќе најде примена кај нашите сограѓани. Станува збор за инвестиција на Општина Штип во вредност од 500 илјади денари. Со три подземни контејнери за комунален смет ќе се депонира отпадот.“ – вели Јорданов.
Овие контејнери се наменети исклучително за комунален отпад. Со ваквиот начин на депонирање на отпадот се очекува да нема расфрлани контејнери, ѓубре околу нив, отпадоци по улиците и на јавни површини.
„Овие подземни контејнери ќе придонесат за поголема хигиена во центарот на Штип и оние слики од минатото на расфрлани контејнери ќе бидат заборавени. Овие контејнери се првенствено наменети за комунален отпад, односно отпад кој го создаваме во нашите домаќинства.“ – вели Зајков.

Зајков во оваа прилика истакна дека зголемен е бројот на контејнери и поставени корпи за отпадоци на повеќе локации во Штип со цел да се зголеми чистотата во градтот. Апелира до граѓаните да бидат одговорни и совесни, да се менуваат навиките и да се чува чиста околината.
„Дополнително на шетачките патеки се поставени улични канти, секојдневно нашите екипи вршат изѓубрување. Апелираме сите заеднички да ги менуваме навиките со цел чист град“ – додава Зајков.
Резултат дава и соработката со граѓаните, отпадот да се селектира пред да заврши во контејнер. Предавањата во детските градинки и училиштата ќе продолжат и во наредниот период, вели Зајков.
Лаура Стојанова М-Нет