Пуштена во функција втората делница Крупиште – Кочани, од експресниот пат Штип – Кочани

Со аплуаз за сите вклучени страни кои учествуваа во изградбата на експресниот пат Штип – Кочани, денеска во употреба се пушти и втората делница од Крупиште до Кочани. Први по новопуштена делница возеа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и Премиерот, Димитар Ковачевски.

Експресниот пат Штип – Кочани е граден по висок квалитет на градба, како првата така и втортата делница. Има две коловозни ленти и две ленти за застанување со што на граѓаните од истокот им се нуди побрз и побезбеден начин на возење.

„Експресниот пат е со висок квалитет на градба. Ширина на патот е 11.4 метри и има четири ленти, по две коловозни од 3,5 метри и две ленти за застанување од по 2 метри. Максималната брзина на движење на експресниот пат е 110 километри на час“ – вели Рустеми.

Од Регион кој претходно бил заборавен денеска е создаден регион на ивестиции, а истокот со модерна патна инфраструктура се поврза со централниот дел на државата како и со Репубилка Бугарија, истакна министерот Бочварски.

„Овој експресен пат е еден доказ за тоа, изградивме едно модерно патно решение, патна врска од Штип до Кочани со која се подигна нивото на безбедност во сообраќајот. Ако пред пет години од Кочани до Скопје се патуваше еден час и 40 сега се стигнува за помалку од еден час“ – додава Бочварски.

Изградбата на нови патишта е приоритет на Владата со цел граѓаните од цела држава да се движат побрзо и побезбедно, истакна во денешната прилика премерот Ковачевски. Делницата Крупиште Кочани е капитален проект за конекција на граѓаните од истокот.

Првата делница Штип – Крупиште беше завршена во 2020 година и пуштена во употреба во должина оа 14,3 километри и вредност од 28,5 милиони евра. Денеска се ставија во функција и останатите 13,7 километри во вредност од 18 милиони евра со што целосно се заврши фазата од експресниот пат Штип Кочани.

Лаура Стојанова М-Нет