Променети над еден милион патни исправи со новото уставно име – Република Северна Македонија

Еден дел од документите ги обновив, единствено личната карта не ми е обновена со новото име на државата, рече Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, и порача граѓаните да ги обноват своите документи, но и да бидат трпеливи. До овој момент, информираше тој, во државата се заменети над еден милион патни исправи, и уште толку лични карти и возачки дозволи.

„До овој момент, на ниво на државата се заменети околу 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80% имаат направено промена на документите со Република Северна Македонија“, рече Спасовски.

Пред извесно време граѓаните реагираа дека нема термин за вадење лични документи или телефонските броеви не функционираат. Меѓутоа, Спасовски денеска посочи дека проблемот, особено во Скопје, е во тоа што граѓаните ги откажуваат термините или се појавуваат на закажаните термини. Токму затоа е отворен и пунктот во салата на сообраќајна полиција во рамки на Полициската станица „Пролет“ во Кисела Вода, каде граѓаните можат да ги променат личните документи без претходно закажување.

„Причина за отворање на овој нов пункт беше бројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70% од закажаните термини кои што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа ние како раководство на МВР одлучивме да излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за започнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот „прв дојден прв услужен““, додава Спасовски.

Спасовски потсети дека обврската за промена е до определениот законски рок, 12 февруари 2024 година, а како обврска произлезе од Преспанскиот договор потпишан со Грција.

Ребека Спасова М-Нет