Пијалок по цена од околу 400 денари за половина литар – зошто „Прајм“ стана вирален кај тинејџерите?

Тинејџерите во регионов под силно влијание на социјалните мрежи имаат нова опсесија – „Прајм“ пијалок кој веќе може да се најде и во Македонија по зачудувачки висока цена од 350 па до 400 денари за половина литар. Безалкохолниот пијалок е производ на мегапопуларните креатори на содржини на социјалната мрежа „Јутуб“, Логан Пол и КСИ, кои со десетици милиони следбеници за брзо време го пробија на пазарот. Виралноста оди до таму што основците и средношколците се изложени на тој маркетинг, па прават сѐ за да дојдат до пијалокот, да се сликаат со него и да добијат социјален статус во своето опкружување. Освен контроверзната цена, овде се поставува и прашањето – што пијат децата? Пијалокот е достапен во две верзии „Прајм хидратациски пијалок“ и „Прајм енергетски пијалок“. Првиот е спортски пијалок кој, според рекламните пораки, служи за хидратација и се препорачува да се консумира при спортски активности, но и покрај тоа полн е со вештачки засладувачи и витамини. Вториот, пак, е поопасен за оваа популација, бидејќи содржи голема количина кофеин.

„Знаеме дека најздрав пијалок и најбезбеден за хидратација е водата, што на крајот и живот значи. Првиот во состав има кокосова вода, минерали за хидратација, меѓутоа другиот има и добра доза на кофеин што не е препорачано особено за помладата генерација, затоа што се засегнати дури и децата од основното училиште. Доста е актуелно, меѓутоа ништо полезно за консумирање нема“, вели доктор Валентина Митрова, специјалист по семејна медицина.

Максималната препорачана доза кофеин за возрасни е 400 мг на ден, што одговара на четири шолји кафе или седум лажички инстант-кафе, а тоа е исто колку да испиете два енергетски пијалока „Прајм“. За лекарите и оваа доза е голема, односно велат дека најдобро е возрасен човек да испие едно до две кафиња на ден.

„Кофеинот е нервен стимуланс, има енергетско дејство коешто може да се најде и во кафето, во чоколадото, дури и во некои лекови за смирување на болка. Сето ова се зема под контрола, некои, можеби, лично и ги почувствувал симптомите кога ќе испие повеќе кафиња на ден – забрзана работа на срцето, вртоглавица, гадење, несоница, немир, така што за раната возраст воопшто не е безбедно консумирање на овие пијалоци“, додава д-р Митрова.

Токму поради овоа Словенија веќе го забрани енергетскиот пијалок, а во таа насока се движи и Хрватска. Кај нас од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека не е регистриран, а одобрена е само верзијата без кофеин. Апелираат потрошувачите да пријават доколку на пазарот го најдат кофеинскиот пијалок што не е одобрен од Агенцијата.

„Во регистарот за збогатена храна на Агенцијата за храна и ветеринарство регистриран е безалкохолен пијалак PRIME HYDRATION DRINK за кое АХВ има издадено одобрение за ставање во промет. За овие производи постои мислење од Фармацевтскиот факултет дека истите можат да се употребуваат како збогатена храна, почитувајќи ги препораките за консумација и предупредувањата наведени на означувањето на овие производи.“ – велат од АХВ

Според информации од српските медиуми, виралноста на пијалокот оди дотаму што учениците во училиштата наплаќаат околу 50 денари за голтка „Прајм“ и 100 денари за сликање со шишето. Во меѓувреме, брендот „Прајм“ само во својата прва година оствари глобална продажба од над 250 милиони долари.

Ребека Спасова М-Нет