Продадени првите десет плацеви во Три Чешми, општината ќе распише нов повик за оттуѓување на парцели

Продадени десет плацеви за изградба на куќи веднаш до населбата Три Чешми во Штип. Интересот од страна на граѓаните е задоволителен, вели градоначалникот, Иван Јорданов. Додава дека во наредниот период согласно ДУП ќе биде распишен нов повик за оттуѓување на нови парцели, а предвидено е да бидат продадени околу 100 парцели и на оваа локација да има нова зона, населба во која граѓаните ќе може да живеат.

„Предвидената нова зона за домување веднаш до населбата Три Чешми веќе пробно пуштивме повик за оттуѓување на 10 плацеви за индивидуален дом, за куќи. Истите беа откупени, интересот дефинитивно е присутен. Во периодот кој следи согласно ДУП на оваа локација се предвидени стотина парцели, маркици за индивидуално домување. Во наредниот период Општина Штип ќе распише нов повик за оттуѓување на плацеви за индивидуално домување. Верувам дека интересот кај граѓаните на Штип, но и кај сите граѓани од околните населени места ќе биде задоволителен за истите да се оттуѓат и за да на оваа локација се создаде една урбанизирана населба“ – вели Јорданов.

Општина Штип во меѓувреме има обврска да го уреди просторот. Во периодот кој следи просторот ќе биде уреден, ќе бидат изградени нови улици, ќе се работи на водовод и канализација, а местото ќе биде соодветно и осветлено.

„Општина Штип освен повикот за оттуѓување има обврска инфраструктурно да го уреди целиот тој потег со основен степен на уреденост со изградба на улици, на подземна инфраструктура, водовод, канализација и осветлување на самата локација“ – вели Јорданов.

Освен новата зона во Три Чешми, нова населба во Штип ќе има и на просторот меѓу населбите Сењак 4 и Баби. На ваков начин граѓаните имаат можност да го решат своето станбено прашање, да создадат свој дом, а градот да се развива и урбанизира.

Лаура Стојанова М-Нет