Претходниот градоначалник на Кочани, Папазов, оди во куќен притвор заедно со уште тројца осомничени

Поранешниот градоначалник на општина Кочани, Љупчо Папазов, кој си поднесе оставка по трагедијата во дискотеката, оди во домашен притвор. По барање на обвинителството, во домашен притвор одат уште тројца осомничени, меѓу кои се и поранешниот директор на УЈП, еден инспектор и член на обезбедувањето.

„По поднесените предлози за определување на мерка притвор а врз основа на донесена Наредба за истражна постапка на ОЈО Кочани, од страна на Судија на претходна постапка беа определени вкупно 24-дваесет и четири мерки за обезбедување на присуство –притвор, од кои по изјавена жалба од осомничените преку нивните бранители изречената мерка притвор беше замената со мерка куќен притвор за тројца осомничени, а во понатамошниот тек од постапката по даден предлог на ОЈО Кочани за замена на мерката притвор со мерка куќен притвор за 4-четири осомничени беше определена мерка куќен притвор“ соопшти судот во Кочани.

Спрема сите осомничени по дадените предлози за определување мерка за присуство по донесената Наредба за спроведување ан изтражна постапка од страна на ОЈО Кочани, беше доставен предлог за продолжување на овие изречени мерки до Основен суд Кочани и по вака изјавените предлози за продолжување на претходно определените мерки за обезбедување на присуство се постапува во определените законски рокови.

Со проширувањето на истрагата за нови лица, беа опфатени 19 осомничени, од кои четворица се во затворски притвор, осум се во куќен притвор и на седум им се определени мерки на претпазливост.

Во домашен притвор се и другите двајца поранешни градоначалници Ратко Димитриевски и Николчо Илијев, како и ексдиректорката на Државен пазарен инспекторат. Во меѓувреме, судот во Кочани ги разгледува жалбите на 12 осомничени.

И пензионираните полицајци, кои претходно беа приведени, се пуштени во куќен притвор.

Во затвор останува ексминистерот за економија Крешник Бектеши, на кого денеска му беше продолжен притворот за нови 30 дена.

Од Јавното обвинителство ги демантираа тврдењата дека еден јавен обвинител се повлекол од истрагата за пожарот во Кочани поради наводни притисоци и несогласувања со правната квалификација.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет