
Овој викенд македонските прволигаши ги одиграа своите „генералки“ пред стартот на новата сезона во Првата македонска фудбалска лига.
Силекс на стадионот во Кратово имаше повеќе од успешна „генералка“ откако со превисоки 5:0 го декласираше второлигашот Борец од Велес, со што уште еднаш се потврдуваат разликите во квалитет на прволигашите и второлигашите.
Во Кратово пукна „петарда“, а на полувреме екипата предводена од Александар Васоски имаше предност од 3:0. Во првиот дел Леонид Игнатов, Даре Анѓелески и Марко Ѓеоргиевски, а пак во вториот дел Игнатов постигна уште еден гол за 4:0, а конечниот резултат го постави новото засилување Никола Брауновиќ.
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар со минимални 0:1 славеше над второлигашот Каменица Саса на Градскиот стадион во Македонска Каменица. За Вардар ова беше успешна генералка, а стрелец на погодокот беше ново засилување Дианеси во вториот дел од натпреварот.
Некогашниот шампион од Тетово, екипата на Шкендија ремизираше со косовски Феризај откако одигра 1:1, а пак Шкупи имаше повеќе од успешна „генералка“ откако славеше со 4:1 над второлигашот Скопје.
Во Маџари се одигра пријателски натпревар меѓу Гостивар и Тиквеш каде екипата на Гостивар со 2:1 беше подобра на „генералката“ пред стартот на новата сезона.
Воска Спорт со 2:0 на Грашница беше подобра од второлигашот Охрид со погодоците на Абдулхади Јахја од белата точка, а вториот гол беше дело на Овен Макоангу.
Прволигашот Беса ремизираше со ланскиот прволигаш Македонија ЃП откако двете екипи одиграа реми со по еден гол за конечни 1:1.
Претстојниот викенд ќе стартува новата натпреварувачка сезона 2024/2025 во ПМФЛ, а во рамки на првото коло како што веќе информиравме Брера ќе се соочи со Вардар, дебитантот Беса против Шкендија, повратникот Пелистер со Гостивар, Работнички ќе биде домаќин на Силекс, Шкупи отвара на Чаир против Воска Спорт, а пак шампионот Струга против Тиквеш.
Александар Ванев, М-Нет