Силекс со „петарда“ за Борец, Вардар славеше над Саса, Шкупи убедлив, триумф за Воска Спорт и Гостивар

ФОТО: Александар Ванев | Телевизија М Нет, Воска Спорт – Охрид, стадион Грашница, Охрид

Македонските прволигаши и второлигаши и денес беа активни со одигрување на пријателски натпревари преку кои се темпира формата за новата сезона во Првата и Втората лига.

За прволигашите денешните пријателски натпревари беа генералка бидејќи следниот викенд започнува новата сезона од Првата лига.

Пријателски натпревар одиграа прволигашот Воска Спорт и второлигашот Охрид, кој на теренот во Грашница ја темпираа формата во втор меѓусебен дуел во рамки на овие летни подготовки.

Овој пат екипата на Воска Спорт предводена од младиот стратег Сеит Крека стигна до триумф од 2:0 над екипата на Охрид.

На натпреварот кој се играше покрај Охридското Езеро присутни помеѓу 150 и 200 гледачи кои проследија добар фудбал, со добри шанси и два погодоци.

Првиот гол за Воска Спорт беше постигнат од белата точка, а стрелец на истиот беше Абдулхади Јахја, а пак стрелец на вториот гол за Воска Спорт за конечни 2:0 беше Овен Макоангу.

Во Кратово се одигра пријателски натпревар меѓу прволигашот Силекс и второлигашот Борец, каде екипата на Силекс беше пресилна и со убедливи 5:0 го торпедираше второлигашот од Велес со што уште еднаш се потврдува разликата во квалитети на македонските прволигаши и второлигаши, иако се работи за пријателски натпревар.

Во Кратово пукна „петарда“, а на полувреме резултатот беше 3:0 за Силекс со головите на Леонид Игнатов, Даре Ангелески и Марко Ѓоргиевски, а во вториот дел Игнатов со втор гол погодоци за 4:0, а пак Никола Брауновиќ биеше за превисоки и конечни 5:0.

Во Македонска Каменица пријателски натпревар одиграа второлигашот Каменица Саса и прволигашот Вардар, каде најтрофејниот македонски фудбалски клуб со 0:1 славеше над рударите со голот на Дианеси постигнат во второто полувреме.

Шкупи со четири еден славеше над второлигашот Скопје, Гостивар во Маџари со два еден славеше над Тиквеш. Шкендија ремизираше во Тетово откако одигра еден еден против косовски Феризај.

Александар Ванев, М-Нет