Поставен ли е Тамер Јамаковски незаконски во УО на ХС Злетовица? – препирки меѓу власта и опозицијата

Тамер Јамаковски, незаконски поставениот директор на Штипската гимназија, повторно е поставен спротивно на Законот, овојпат како в.д. член на УО на ХС Злетовица, констатираат од ОК на ВМРО – ДПМНЕ Штип. Според нив, Законот предвидува услови кои вклучуваат соодветно работно искуство, а Јамаковски е само професор по историја. Прашуваат – кој е виновен, тој што го именувал или Јамаковски што прифатил?

Од ОО на СДСМ Штип на ова велат дека лицето ги исполнува сите законски регулативи, а со ова Јорданов и ДПМНЕ попусто се обидуваат да ја дефокусираат јавноста.

„Очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ да се дефокусира јавноста од катастрофалното водење на градот , а уште поочајно е неоснованото обвинение за членување во УО. Имено, лицето кое го посочуваат ги исполнува сите законски регулативи и според член 1 и 2 од последните измени и дополнувања на законот за јавни претпријатија. Со незаконската смена на претходниот директор на штипската гимназија и непостапување по решение од второстепена комисија, Јорданов и ДПМНЕ попусто се обидуваат да ја дефокусираат јавноста. Свесен за пропустите и незаконското однесување и насилничката смена на директорот, Јорданов ја замајува јавноста со манипулации.“ – стои во писменото соопштение од ОО СДСМ Штип.

Од ВМРО – ДПМНЕ велат дека СДСМ продолжуваат со анархијата, да не ги почитуваат законите, кои преку Законодавниот дом сами ги донеле. Од СДСМ, пак, обвинуваат дека вмровските челници во УО на двете јавни комунални претпријатија се сместиле веднаш како паразити. ВМРО – ДПМНЕ ја оценуваат како партија на паразити кои со години земале државни пари и се богателе на сметка на граѓаните.

Ребека Спасова М-Нет