
Енормната заинтересираност за трета доза вакцина ги наполни ходниците во Здравствениот дом во Штип. Имено, таму од утринава можеше да се забележи поголема група граѓани, кои пред вакциналниот пункт чекаа и до половина час. Повеќето од нив прва и втора доза примиле од некоја од кинеските вакцини, па по одлуката на Владата за вакцинација на овие граѓани со трета доза по три месеца, медицинските лица велат дека бројот на вакцинирани на дневно ниво сè повеќе се зголемува. За разлика, пак, бројот на граѓани кои доаѓаат за прва доза се движи само помеѓу 50 и 60.
„Оваа поголема заинтересираност на граѓаните е по објавувањето на одлуката на Министерството за примање трета доза. Овие три дена интересот за трета доза кај оние граѓани кои биле имунизирани со вакцините на „Синовак“ и „Синофарм“ е поголем откоку интересот за примање прва доза. Бројот секојдневно расте, прво имавме 70, па 300 и денес очекуваме над 400 граѓани“, информираше координаторката за вакцинација, Дијана Коцева – Миланова.
Проблемот кој се јавуваше денес беше пополнувањето согласности, за што на повозрасните лица им требаше помош и повеќе време. А оние кои ги анкетиравме велат дека причината за вакцинација е поголема заштита во време на пандемија.
„Чекаме околу 20 минути. Само има многу ставки. Треба да се потпишува и потполнува, а ние сами не можеме , па бараме од други да ни потполнуваат.“
„Пред десетина минути дојдов, го потполнив ова, па, веројатно, ќе завршам за половина час.“
„Сега само што дојдов. Можеби, има пет минути или десет.“
„Со кинеската се вакцинирав, сега ќе примиме друга, ама секоја вакцина е добра. Добивме порака и сакав да примам и трета доза. Стари луѓе сме, мора да се пазиме, па и поради младите, да не ги заразуваме.“
„Да, сакам за здравјето, посигурно ми е. Првите беа кинески, па добив порака дека можам да се вакцинирам оти се имам вакцинирано пред пет месеца, сега веќе можам и третата да ја примам.“
Како решение на проблемот на создавање гужви, од понеделник ќе се одлучува и за преадаптација со ставање на располагање повеќе простории од Здравствениот дом. Од таа причина, во зависност од насоките на Министерството за здравство, постои можност пунктот да биде отворен и утре.
Ребека Спасова МНет