
Независниот полициски синдикат утре ќе протестира во Штип. Поради, како што велат, крајно сериозната и загрижувачка состојба со нападите врз полициските службеници кои станаа секојдневие, започнуваат со протестен караван што ќе вклучува протести во различни градови еднаш неделно, а со цел иницирање на промена на Законот за полиција и Кривичниот законик.
Како што се вели во нивната реакција, полициските службеници секојдневно се напаѓани, малтретирани и повредувани, а кога се обидуваат да се заштитат, против нив се покренуваат обвиненија за малтретирање во вршење на службата. Причината што протестниот караван започнува од Штип е што овде во моментов има четири суспендирани полициски службеници. Караванот започнува од пред Градскиот стадион, од каде ќе се упатат кон Плоштадот „Слобода“.
Од Независниот полициски синдикат бараат итна промена на Законот и Кривичниот законик што ќе вклучува пропишување на минимална казна затвор од пет години за напад на полициски службеник.
Повикуваат Министерот, Владата и сите останати политички партии и чинители да ги поддржат протестите по примерот и поддршката на протестите на маргинализираните групи за да се подигне свеста за потребата од поголема заштита на полициските службеници како и достоинствена плата.
Ребека Спасова М-Нет