Цената на водата во Штип на тапет во препирките меѓу власта и опозицијата

Новото раководство на ЈП „Исар“ носи само нови зголемени цени на услугите кои ги плаќаат граѓаните, обвинија денес на прес-конференција од ОО СДСМ Штип. На тапет беше зголемувањето на цената на водата, што, според СДСМ, не е ново за ВМРО ДПМНЕ, кои во минатото цената на водата ја зголемиле дури и за неверојатни 39%.

„Со в.д. директорот Коцев кој уште неседнат удобно во својата фотелја, штипјани ќе добијат повисоки сметки за вода. Откако Јорданов и ВМРО ДПМНЕ се на власт, во Штип речиси и да нема услуга или давачка која не е зголемена. За потсетување, ЈП Исар ја зголеми цената за собирање на ѓубретарина за 110 проценти. Се зголеми давачката за такси услугата, данокот на промет на недвижности од три на четири отсто, како и стапката за уредување на градежно земјиште. Додека удираат по џебот на граѓаните, ВМРО ДПМНЕ парите на граѓаните ги трошат расипнички и на партиски вработувања. Ова за жал е новата реалност и секојдневие на штипјани, кои со доаѓањето на ВМРО ДПМНЕ на власт одвојуваат повеќе пари за услугите“, велат од ОО СДСМ Штип.

Директорот Коцев, пак, вели оти цената на водата не е зголемена од Коцев, Јорданов или ВМРО – ДПМНЕ, туку по одлука од пред две години, кога градоначалникот и мнозинството во Советот биле на СДСМ.

„Повторно лаги и манипулации од СДС, цената на водата не е покачена од Трајан Коцев и новото раководство на ЈП „Исар“. Висината на цената на водата за 2023 година е дефинира уште во 2021 година, кога раководство во ЈП „Исар“ беа луѓе од СДС, и тоа со Одлука на Управен одбор и Совет“, вели Коцев.

Дека станува збор за лаги и манипулации вели и градоначалникот Јорданов. Во писменото соопштение испратено од Општина Штип велат дека на советничката од штабот што ја чита прес-конференцијата требало да ѝ кажат за одлуката од 2021 година.

„Крајно лицемерно е партијата чии политики предизвикаа повисоки цени на струјата, горивото, лебот, брашното и сите останати основи елементи за егзистенција на граѓаните да коментираат за некакви покачување на цените. Сите ние сме сведоци дека под водство на СДС граѓаните се повеќе се сиромашни, а инфлацијата зема сѐ поголем замав, затоа крајно време е да престанат со замајување на јавноста.“ – стои во писменото соопштение од Општина Штип.

Ребека Спасова М-Нет