Победи за Детонит Плачковица, Кожуф и Башкими, Караорман го тресна Вардар

Денес се одиграа натпреварите од третата рунда од Втората лига.

Дербито на колото се играше во Радовиш каде се судрија фаворитот Детонит Плачковица и Арсими, а пред почетокот на мечот, Радовиш го зафати силно невреме, па дождот ги отежна условите за игра.

Гледачите на телевизија М Нет имаа можност да го следат мечот од Радовиш во живо, а истиот заврши со минимални 1:0 за домаќините.

Дефинитивно кога се во прашање погодоците натпреварот потфрли, првиот дел помина со една сериозна шанса, тоа е пречката на домашниот тим, а се останато беше игра на средина и притисок на Детонит Плачковица за погодок. Првиот дел заврши со чисти мрежи (0:0).

Во вториот дел тренерите започнаа после 55-тата минута со измени и освежување на силите.

Сепак по 67 минута дождот одново започна и се отежнаа условите за игра.

Притисокот беше кај Детонит Плачковица за гол, а Арсими започна со посериозно креирање на шанси кон противничкиот гол, а тоа беше осетно по влегувањето во игра на Шпенд Асани.

Домашните преку Аљбан Мемеди во 71. минута дојдоа до водство од 1:0. Арсими веднаш по една нафрлена топка се закани во мешаницата пред голот на домаќинот, но Димитар Ѓоргиев беше на вистината на задачата и интервенираше навреме.

Мемеди во 88. минута имаше уште една сериозна шанса, но биеше по земја без сериозна закана.

Конечниот исход во Радовиш беше 1:0.

Гледачите на телевизија М Нет преку спортскиот канал во живо го следеа мечот меѓу Осогово и Башкими во Кочани, дуел на двајца повратници во ВМФЛ.

Башкими во финишот славеше со 2:3 над Осогово кој и по три кола останува без бодови.

Кадрију погоди за 0:1, а Дојчинов постигна гол за 1:1 веќе во 25. минута.

Во вториот дел Мемеди обезбеди ново водство од 1:2 во 55. минута, а “жетварите” преку Николовски во 69. минута израмнија одново на 2:2.

Во судиското надополнување Сами Аљиљи постигна гол за голема победа од 2:3. Аљиљи и во изјава за телевизија М Нет најави дека во Кочани одат по три бода, а поддршката од гостинските навивачи беше важна и значајна.

Во Струмица се одигра дуелот меѓу Беласица и Тетекс каде струмичани ја израдуваа домашната публика со триумф од 2:0.

Иванов и Радојчиќ ја обезбедија победата за струмичката гордост во финишот.

Во Струга се соочија екипи кои бркаа први бодови, Караорман го пречека Вардар Неготино и направи изненадување совладувајќи го со 2:0.

Домашните направија изненадување откако по 15 секунди игра постигнаа гол за 1:0 преку Тренески.

Во вториот дел Адили стави печат на победата од 2:0. Победата на стружани добива на тежина бидејќи ја обезбедија со играч помалку.

Фаворитот Беса гостуваше во Битола каде играше против повратникот Новаци и славеше со убедливи 1:4.

Фитон Адеми постигна хет-трик, а еден гол беше дело на новото засилување Изаир Емини. За Новаци стрелец беше Иве Трифуновски.

Во Прилеп се одигра дуел на Победа и Охрид кој заврши без погодоци (0:0).

Кожуф на домашен терен го пречека ланскиот прволигаш Скопје и убедлово го декласираше со 4:2.

Кочев, Богданоски, Митков и Ристовски беа стрелци за домаќините, а за “пиратите” од Автокоманда погодија Божиновски и Најдоски.

Пелистер во Македонска Каменица ја тресна Саса со 0:3 во одлично издание на битолчани.

Талевски беше двоен стрелец, а еден гол беше дело на Љамчевски.