Платите 15 килограми пипер добивате 10, проблемот со „дивите“ пазарџии во Штип кулминира

Проблемот со таканаречените диви продавачи околу градскиот пазар во Штип стои нерешен. Освен што пазарџиите своите тезги ги поставуваат на јавна површина и ја узурпираат истата, оставаат смет зад себе, граѓаните се жалат и дека прават измами во мерењето на производите. Велат ако се купува на големо, на големо и се краде.

Од ваквата ситуација на терен не е изнендаден ниту првиот човек на Општина Штип, Иван Јорданов. И во текот на вчерашниот ден попладне заедно со полициски службеници беа на терен, но пред камерите на М-Нет телевизија истакна дека не можат да реагираат многу бидејќи Централната власт нема слух за ваквите проблеми.

„Ние неколку пати во изминатите месеци, година време пријавуваме до надлежните институции, односно до пазарниот инспекторат кој има надлежност да и ја одземе робата за да не доаѓаат и не продаваат на недефинирано место за продажба, но и покрај нашата заложба тие немаат слух. Се прашувам како може пазарна инспекција да постапува во Општина Струмица, а да не постапува во Општина Штип. Дефинитивно граѓаните на Општина Штип се казнети само затоа што има спротивна локална власт од Централната власт“ – кажа Јорданов.

Јорданов упати усше еден апел до надлежните институции да излезат на терен и да реагираат во решавање на овој проблем во Штип.

„Апелирам до директорката на пазарна инспекција конечно да се охрабрат и да го спроведат Законот секаде да важи исто. Не може во Општина Струмица да бидат избркани овие пазарџии затоа што узурпираат јавна површина, затоа што создаваат комунален неред, затоа што создаваат проблеми кај граѓаните, прават измами кај купувачите, а во Општина Штип да не подлежат на санкции“ – додаде Јорданов.

Неодговорноста на надлежните институции според Јорданов е огромна, бидејќи единствен изгов зошто не постапуваат во Општина Штип е дека немаат формулари на кои треба да им пишат казна на пазарџиите.

Лаура Стојанова М-Нет