Планинарите од ПК Лисец од Штип го освоија врвот „Piz Boe“ во италијанските Доломити

Во вистинска алпинистичка авантура што бара исклучителна физичка и ментална подготвеност, членовите на Планинарскиот клуб Лисец од Штип на 22 јули успешно го искачија врвот Piz Boe висок 3.152 метри во срцето на Доломитите, планински венец што се протега во североисточна Италија и е дел од Јужните варовнички Алпи.

Искачувањето се одвиваше по рутата Via ferrata Brigata Tridentina, високо техничка и екстремно барана патека. Оваа патека е препознатлива меѓу искусните планинари ширум Европа и претставува вистински предизвик за секој ентузијаст за високи врвови.

На оваа акција учествуваа осуммина планинари од Штип: Анѓел Шијаков, Емилија Гаврилова, Билјана Лепавцова, Александра Санева, Александар Санев, Мики Станисавовски, Вишна Шорова-Анѓелова и Мане Ангеловски, на кои им се приклучија уште пет ентузијасти од Белград, Скопје, Радовиш и Кочани.

Освојувањето на Piz Boe е уште еден голем успех за планинарскиот клуб Лисец, клуб кој со години наназад организира планинарски и алпинистички акции низ Македонија и Европа. Од клубот најавуваат дека и во претстојниот период ќе продолжат со вакви активности, отворени за сите љубители на природата и планините.

Александар Ванев, М-Нет