Панче Петров е трето засилување за Детонит Плачковица: Радовиш заслужува Прва лига, одиме натпревар по натпревар!

Второлигашот Детонит Плачковица од Радовиш го прмовираше третото засилување за новата сезона. Во Радовиш доаѓа 20-годишниот Панче Петров, а пристигнува од кратовскиот прволигаш Силекс.

Десното крило во својата кариера има настапувано и за Брера Струмица и Беласица. Петров кој е трето засилување за Детонит Плачковица ја даде и првата изјава за телевизија М Нет како веќе нов фудбалер на второлигашот од Радовиш, кој вели дека Радовиш и радовишани заслужуваат Прва лига, додавајќи дека треба да останат фокусирани и да одат натпревар по натпревар.

„Огромна благодарност до Иван Варадиновски и цел стручен штаб кои ми ја дадоа довербата да го облечам дресот на Детонит Плачковица. Очекувањата започнуваат со самите подготовки каде во Радовиш на 3. јули со полна пареа започнуваме со работа. Посакувам добро здравје на сите, фокус на подготовките и успешен старт на првенството. Првенството е долго, треба да останеме фокусирани и да одиме натпревар по натпревар и исполнувајки ги барањата на шефот на стручниот штаб Иван Варадиновски да дојдеме до позитивен резултат на секој натпревар. Амбициите на клубот остануваат исти, со почит кон сите клубови сметам дека Детонит е зрел за Прва лига а радовишани тоа го заслужуваат. Затоа нивната поддршка ќе ни биде од огромно значење, и ја повикувам во огромен број да се приклучи на натпреварите и да испишеме историја за Радовиш и Детонит Плачковица“, изјави Петров за телевизија М Нет.

Претходно, Детонит Плачковица кој е предводен од штипскиот стратег Иван Варадиновски се засили со Кирил Неделков од Вардар Неготино и Христијан Поп Антоски од прилепска Победа.

Шефот на стручниот штаб Варадиновски во изјава за телевизија М Нет рече дека костурот на тимот е сочуван, а дополнително ќе биде засилен, а договорени се и пријателските натпревари за што веќе објави телевизија М Нет.

Александар Ванев, М-Нет