
Семејната изложба на Сашко и Лазар Китанови денеска беше отворена во штипскиот Безистен. Изложени се повеќе од триесетина ликовни уметнички дела, кои Лазар Китанов ги изработил во текот на својот работен век, а Сашко Китанов во блиска иднина. Нивната сопруга и мајка, Драгица Китанова, вели дека изложбата ќе биде отворена до петок за сите заинтересирани посетители.
„Отворањето е денес, во Безистенот, имаме изложено најмалку 30 слики. Повеќето слики се работени на платно, има на стакло, дрво, графики, туш и перце“, вели Драгица Китанова.
Сашко Китанов неодамна беше дел и од Ликовната колонија која се одржа во Дојран, а на која учестувуваа лица со посебни потреби и хендикеп. Во машка конкуренција со изработените ликовни дела го освои првото место.
„Во мај месец ние организиравме ликовна колонија на Дојранско Езеро, беа поканети повеќе уметници од повеќе општини, а гостин ни беше и Сашко Китанов. За наша среќа, тој беше еден од најдобрите од машка конкуренција, прекрасно црташе и беше посветен на уметноста, па освои прво место на тој натпревар“, вели Мите Митев, претседател на Здружението „Нова искра, нова надеж“.
Ова е втора семејна изложба по повод 37 години од смртта на Лазар Китанов, првата ваква беше одржана во 2002 година, 16 години по смртта. Китанови, образовно потковани од областа на ликовната уметност, имаат одржувано повеќе индивидуални и групни изложби. Сашко Китанов темелно го наследи својот татко Лазар Китанов и со својот талент како студент врвно зачекори по неговата патека.
Ребека Спасова М-Нет