Осогово убедлив на контролката со Слога Виница, штипска Брегалница утре ќе ја провери формата со Пелистер

Прволигашите и второлигашите репрезентативната пауза ја користат за да одиграат пријателски натпревар пред продолжението од првенството, а истата доаѓа и како мини подготовки.

Второлигашот Осогово кој го очекува многу тешка борба за опстанок во Втората лига, одигра пријателски натпревар со третолигашот Слога од Виница, меч на кој „жетварите“ беа подобри со 6:0 во однос на ланскиот второлигаш.

За тренерот на Осогово, Крсте Крстев, ова беше можност да комбинира и да се подготвува за тоа што следува во Втората лига, пред се мечот со Еуромилк ГЛ, кој е во рамките на седмото коло, веднаш после репрезентативната пауза, а кој меч за тимот од Кочани е од капитална важност во битката за опстанок, бидејќи „жетварите“ и „лисиците“ се главни конкуренти за опстанок во Втората лига.

Претходно, Камјани беше поразен на пријателски натпревар од тетовска Шкендија со 0:3, а пак Струга Трим Лум и Новаци ремизираа играјќи 2:2.

Во сабота во Радовиш ќе се одигра пријателски натревар меѓу Детонит Плачковица и Беласица, додека пак прволигашот Брегалница од Штип, исто така, утре, ќе одигра пријателски натпревар против Пелистер.

Брегалница ќе има можност да ја провери формата пред мечот со Тиквеш во гости од деветтото коло на Првата лига, кој е на програмата веднаш после репрезентативната пауза. Тој меч ќе биде клучен за „сините“, бидејќи со победа ќе се зацврстуваат во средината од табелата.

Пелистер, пак, по шест кола во Втората лига е на второто место со 14 бодови, еден помалку од лидерот Охрид, за битолчани овој меч со штипјани ќе им биде повеќе од квалитетна контролка пред дербито во Струмица со Беласица од седмото коло.

Александар Ванев, М-Нет