Осогово доби нова управа, Крстев ќе го спасува клубот од испаѓање, „жетварите“ пред тежок предизвик!

Фудбалскиот клуб Осогово од Кочани доби нова управа на чело со претседателот Ненад Ефтимов, а за нов шеф на стручен штаб беше промовиран Крсте Крстев, кој ќе има за цел да избори опстанок во Втората лига.

„Моментално сме почеток на втората полусезона и Управниот одбор сега најголема окупација или најголемо внимание ни е да обезбедиме добар старт, а под тоа се подразбира во повеќе сегменти да бидеме подобрени да бидеме поорганизирани и да бидеме едногласни. Тука јас што можам да се пофалам дека веќе ние како управен одбор имаме направено пет до шест состаноци. Ние поставивме некој правец по кој треба да се движиме е сега колку е во наша можност се трудиме максимум да извадиме од ситуацијата од буџетот што го имаме од проектираниот буџет од општината, од средствата од некои ситни спонзори“, вели Ефтимов.

Новиот управен одбор има повеќе луѓе, со цел повеќе луѓе да бидат вклучени и да помагаат, како што вели Ефтимов.

„Знаеме дека една ваква институција еден или двајца луѓе се многу малку да работат, затоа нашата идеја дојде од таму за да направиме Управен одбор од повеќе луѓе, за да можеме повеќе луѓе да помагаме. Средствата сите до денар коишто ги имаме ќе бидат сконцентрирани кон играчите, кон засилувања и натаму се знае да се стартува да пробаме да добиеме бодови колку што можеме да освоеме за да можеме да имаме некоја подобра средина тука за да почнеме да размислуваме за некои подобри работи и поголеми работи“, вели Ефтимов.

Клубот ќе задржи најголем дел од ростерот од есенскиот дел, но истиот ќе биде засилен.

„Бидејќи дел од играчите веќе го имаа напуштено клубот, дел имаа најава за напуштање во што успеавме добри 80 до 90 проценти да ги задржиме играчите“, вели Крстев.

Веќе три засилувања се договорени, но се преговара за уште неколку квалитетни играчи.

„Можам да потврдам веќе се договорени тројца фудбалери и тоа Дамјан Стојковски од Вардар Неготино, Грегори Давков од Брегалница од Штип и Кристијан Костовски кој имаше пауза од неколку месеци, но се враќа докажан фудбалер кој има играно во повеќе прволигашки клубови како Тиквеш, Силекс, Македонија ЃП и така натаму“, додава Крстев.

Клубот во саботата ги започна подготовките, а како што рече Крстев, Осогово ќе се тестира со Брегалниц во Штип, двапати со Саса еднаш во Македонска Каменица еднаш во Кочани, со Детонит Плачковица и Башкими во Кочани и против Слога во Виница.

Првиот пролетен меч Осогово го игра во Неготино против Вардар што ќе биде вистински тест за нивните амбиции за опстанок.

Александар Ванев, М-Нет