
За десетина дена оризарите од кочанско излегуваат на протест, прв за оваа година. Како што велат намалувањето на производната цена, слабиот откуп на оризот ги става во мат позиција, а катастрофална е и откупната цена на оризовата арпа која се движи од 18 до 20 денари. Најавуваат радикални протести со цел да го добијат она што го заслужуваат и оризот како култура да продолжи да се произведува.
„Имавме собир на кој се договоривме дека ќе направиме земјоделски протести кои ќе бидат порадикални, бидејќи вака како што ги манипулираат земјоделците со цените не можеме да издржиме. Помош немаме, ова што се случува со откупот е катастрофа, во амбарите ни стои реколтата од 2025, откупувачите не откупуваат и така сме доведени во многу тешка состојба.“ – вели Максимов.
Главното барање е произведната цена да биде околу 30 денари, а не 23 како што е моментално. Со оваа цена незадоволително е да се одгледува ориз во кочанско и се повеќе земјоделци се откажуваат од работа и производство на ориз.
„Имаме испратено три барања, да се корегира производната цена. Производната цена на 500 килограми е 30,69 денари“ – додава Арсов.
Амбарите се полни со ориз од претходната реколта, а во април треба да започна новата сеидба. Колку од полињата ќе бидат под ориз годинава останува неизвесно, бидејќи како што велат земјоделците со вакви цени тешко дека ќе се работи ориз.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет