ОО СДСМ Свети Николе: Владев не умее да менаџира, па покачува цени на комунални услуги

Градоначалникот Владев во медиумите сака да го скрие фактот дека заедно со директорот на ЈКП „Комуналец“ не умеат да менаџираат, реагираат од ОО на СДСМ во Свети Николе во врска со покачувањето на цената за ѓубрарина. Од таму посочуваат дека зголемувањето е за 100%, а сметката ќе биде повисока не за 200 – 250 денари, како што вели Владев, туку за 500 – 600 денари.

„Градоначалникот Дејан Владев бесрамно лаже по медиумите сакајќи да го маскира фактот дека заедно со директорот кој го постави на чело на ЈКП „Комуналец“ не умеат да менаџираат, туку на сета економска криза со која се соочуваат нашите граѓани, а и целиот свет, тие покачуваат цени за комунални услуги за 100%. ПОКАЧУВАЊЕТО НА СТАВКАТА ЗА ИЗНЕСУВАЊЕ СМЕТ (позната кај народот како ѓубрарина) ИЗНЕСУВА 100%!!! Ова беше изгласано ЗА од страна на советниците на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата на 19. седница на Советот на Oпштина Свети Николе на ден 27.10.2022 година и покрај аргументираното и поткрепено со факти противење од страна на советниците на СДСМ и коалицијата. Ставката за изнесување смет досега изнесуваше 3 денари за 1м2 станбена површина, а сега ќе изнесува 5,70 денари, додека за дворна површина порано плаќавме 0.30 ден./1м2, а сега ќе плаќаме 0.65 денари. Во осумте села каде се врши оваа услуга исто така е покачена и ќе изнесува 386 ден!!! Веселата математика на Владев вели дека сметките ќе ни биле покачени за 200 – 250 денари, но на секој што знае подобро да смета од нашиот Градоначалник ќе му биде јасно дека во просек на секое домаќинство во нашата општина сметката за комунални услуги ќе биде повисока за 500 – 600 денари.“ – стои во писмената реакција од ОО на СДСМ Свети Николе.

Од таму посочуваат дека директорот на ЈКП „Комуналец“ до Советот приложил калкулација на оперативните трошоци кои Јавното претпријатие ги има во своето работење, но прикажаните суми јасно посочувале дека трошоците се зголемени за само 1,8%, вклучувајќи ги и зголемувањата на цените на горивата и електричната енергија. Сепак, и покрај малиот процент на зголемени трошоци, потенцираат од ОО на СДСМ, тие решиле да ја покачат ставката за изнесување смет за 100%.

Ребека Спасова М-Нет