
Од понеделник, 20. јануари, започнува пријавувањето за Регионален избор на спортист до 18 години на Истокот во организација на М Нет телевизија за 2024 година. Минатата година М Нет телевизија го организираше првиот избор кој беше на ниво на град Штип, сега истиот е Регионален, односно ќе избираме најдобар спортист до 18 година на Истокот.
Влегуваат општините Штип, Радовиш, Свети Николе, Кочани, Берово, Делчево, Пехчево, Карбинци, Виница, Зрновци, Чешиново Облешево, Пробиштип, Конче и Македонска Каменица. Може да се пријавуваат сите спортисти до 18 години и кои се од или се натпреваруваат за клубови на територија на споменатите општини, без разлика дали во машка и женска конкуренција како и дали спортистите доаѓаат од колективни или индивидуални спортови.
Најдобриот спортист ќе добие парична награда во вредност од 30.000 денари, за второрангираниот спортист е предвидена парична награда од 12.000 денари, а треторангираниот спортист ќе добие награда од 6.000 денари. Паричните награди за најдобри три спортисти ги обезбеди рудникот Бучим и Боров Дол.
Што се однесува до рангирањето на спортистот во предвид ќе биде земен најдобриот резултат за 2024 година, односно дали спортистот има учествувано на Олимписки игри, Светско првенство, Европско првенство, Медитерански игри, Балканско првенство, Државно првенство на Македонија, Куп на Македонија, Меѓународни и домашни турнири како и тоа дали е член на репрезентација на Македонија.
Пријавата како и правилникот ќе бидат достапи на нашиот портал м нет.мк од каде може да ја превземе пријавата, но и да го прочитате правилникот. Резултатите мора да бидат веродостојни, бидејќи истите ќе бидат проверени односно резултатите пријавени од матичниот клуб на територија на споменатите општини треба да бидат потврдени од федерацијата каде членуваат спортистите или од сајтовите на спортските организации (организатор на натпреварување – домашно или меѓународно) каде учествувале спортистите односно копија во писмена форма од постигнатите резултати со печат и потпис.
Ќе биде формирана Комисија која ќе ги прегледува резултати, а која ќе го врши изборот за најдобар спортист до 18 години на споменатите општини во избор на М Нет телевизија. Секој спортски колектив може да пријави повеќе спортисти кои ќе ги исполнуваат услови од овој правилникот. На самата пријава покрај име и презиме на Претседателот на клубот, клубот е должен на пријавата да стави и печат. Пријавите кои не ги содржат сите потребни информации (пријави со нецелосни и неточни податоци) ќе бидат отфрлени и нема да учествуваат во изборот. При идентични спортски резултати предност ќе има спортистот кој во континуитет покажува подобри резултати (резултати постигнати во претходните години односно сезони).
За повеќе информации можете да се информирате од правилникот кој ќе биде достапен на нашиот портал м нет.мк, а пријавувањето ќе трае до 1. февруари, 2025 година, кога пријавувањата ќе бидат затворени, а пријавите после 1. февруари нема да бидат земене во предвид. Изборот за најдобар спортист до 18 години ќе се одржи во средината од месец февруари.
Покрај награда за најдобриот спортист до 18 години за 2024 година во организација на М Нет телевизија, ќе се изберат и најдобрите од сите пријавени екипи.
Александар Ванев, М-Нет