
Викендов во Кочани традиционално се одржаа 25. Денови на медот. Пчеларите беа во „Паркот на Револуцијата“ и пред кочанчани ги изложија своите пчелни производи на манифестацијата чиј традиционален организатор е локалното Здружение „Матица“. Пчеларите иако годинава не се целосно задоволни од приносот, сепак се со став дека граѓаните сѐ повеќе се навикнуваат на консумација на медот, а за тоа придонесуваат и ваквите манифестации.
„Приносите не се задоволителни, бидејќи тоа се должи на климатските промени кои, секако, влијаат на сите нас, па и на пчелите. Со тоа приносите се намалени, но на состојбата во пчеларството влијае и целокупната ситуација, кризата. Ние настојуваме медот да биде достапен за сите како здрава храна добра за сите нас“, истакна Борчо Атанасов, претседател на Здружението „Матица“.
„Со овие манифестации имаме голем напредок во однос на консумирањето, односно граѓаните сѐ повеќе се навикнуваат и набавуваат пчелни производи“, истакна Менде Трајковски, претседател на Сојуз на пчеларски здруженија.
На јубилејното 25. издание присуствуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски. Според него, пчеларите се, можеби, и најзастапената категорија во програмите и мерките и се најчестите корисници на истите.
„Преку програмата за рурален развој се субвенционира набавка на пчелни матици, се субвенционираат инвестиции во опрема за преработка на мед и останати пчелни производи преку програмите за млад земјоделец и рурална жена“, вели Бачовски.
Настанот го поддржа и Општина Кочани, од каде градоначалникот, Љупчо Папазов, го посочи пчеларството како важна гранка.
Манифестацијата „Денови на медот“ традиционално беше збогатена и со традицонални песни и игри, а медот на штандовите се продаваше по цена од 500 денари.
Ребека Спасова М-Нет