Овче Поле гостува во Дојран, Карбинци домаќин на Брегалница од Делчево

Во недела ќе се одиграат натпреварите од деветтото коло на Трета лига – Исток, а во рамки на кое екипата на Карбинци на домашен терен ќе игра дерби меч со тимот на Брегалница од Делчево.

Двете екипи имаат идентична форма во досегашниот тек од сезоната, тимот на Карбинци има одиграно седум натпревари со учинок од три победи, три ремија и еден пораз или 12 бодови, а пак тимот од Делчево има осум мечеви, а на кои забележа три победи, две ремија и три порази, па со 11 бодови е на шестото место на табелата, односно само еден бод е разликата меѓу двете екипи.

Императивот за трите бодови е голем, па тоа ќе понуди неизвесен меч на теренот во Карбинци во борбата за трите бодови.

Овче Поле како фаворит го очекува гостување во Дојран против екипата на Дојранско Езеро, каде тимот од Свети Николе ќе бара петти сезонски триумф, додека пак Дојранско Езеро ќе се обиде да го поправи лошиот старт од сезоната и да го бара своето второ славје.

Во Струмица ќе се одигра натпреварот меѓу Тиверија и Победа Валандово, гостинот кој е лидер на табелата и единствен тим кој нема пораз ќе биде голем фаворит за нов триумф.

Екипата на Малеш како домаќин на Градскиот стадион во Берово ќе го пречека фаворитот Ударник од Пирава. Малеш ќе бара второ славје пред својата публика, додека пак гостинот кој е во одлична победничка форма како голем фаворит ќе допатува во Берово за нови три бодови.

Некогашниот прволигаш Хоризонт Турново на домашен терен како апсолутен фаворит ќе го пречека „фенерџијата“ Светлост од Зрновци, тим кој е на дното од табелата единствен без победа.

Александар Ванев, М-Нет