Обележани нови паркинг места во центарот на Штип за косо и надолжно паркирање

Со затворањето на познатата „едносмерна“ улица во Штип која е пренаменета во шеталиште, се зголеми гужвата во централното градско подрачје. Низата мерки и активности кои се преземени од страна на ЈП „Стипион“ се со цел растеретување на метежот, но и зголемување на безбедноста во сообраќајот во Штип. Директорот, Панче Стефановски, посочи дека со воведување на новиот сообраќаен режим се прават напори да се реши проблемот и со гужвата и со паркинг местата.

„Со изградбата на конзолите и проширувањето на коловозот покрај река Отиња се создадоа услови за воведување на нов сообраќаен режим. Тој се состои во делумно косо и делумно надолжно паркирање, во ленти за лево свртување и во зони со забрането паркирање поради поголема безбедност во областа на сообраќајот. Покрај безбедноста се зголемува бројот на паркинг позиции“ – вели Стефановски.

Паркинг места се обележани од двете страни на река Отиња до Камениот мост. Во наредниот период обележувањето ќе продолжи до паркот Кртеке односно до новиот кружен тек. Учесниците во сообраќајот ќе бидат известени за сите промени со цел да се почитуваат и да не се казнуваат.

Стефановски упати апел до возачите да бидат совесни и одговорни и да ги паркираат своите возила на обележаните паркинг позиции, со цел да не се соочат со казни, но и да се зголеми безбедноста на пешаците во сообраќајот.

Лаура Стојанова М-Нет