Нови препирки меѓу власта и опозицијата во Штип, овој пат за патарините

Во време на огромна финансиска криза и инфлација на дневно ниво, елитата преку Министерот за транспорт и врски покажаа дека немаат емпатија за сопствениот народ, обвинија денеска на прес конференција од ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип. Од таму додаваат дека Бочварски не знае како е од свој џеб да издвоиш 320 денари за патарини, за користење на автопат изграден од парите на граѓаните.

„Во време кога македонскиот народ е на нозе пред Владата и парламентот на Република Македонија, обидувајќи се да ја спречи својата асимилација, ЈПДП во кое член на Управен одор е Александар Кангалов, поддржано од Владата предводена од СДСМ и од Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од понеделник вовоедуваат арач од 320 денари за патарини до Скопје.“ – кажаа од ВМРО ДПМНЕ Штип.

Од таму истакнаа дека најмалку што требаше да се направи е да се пролонгира рокот за пуштње во употреба на паратините и да се направи промена во правилникот за методологијата за износот на патарините.

На ова од ОО на СДСМ Штип одговорија дека патарините се одлука која е донесена во времето на ВМРО ДПМНЕ.

„Партијата која за целиот мандат не успеа да направи ни 10 км автопат, а ниту регионални патишта, собраните пари од патарини, но и други давачки ги користеа за да си ги обезбедат договорените криминални проценти за кои слушавме и од разговорите, нема многу кредибилитет да зборува на ова тема. СДСМ покажа како треба да се инвестира во инфраструктурата најдомаќински и одговорно со парите на граѓаните. Ваквите прес конференции на ВМРО ДПМНЕ нема да ги амнестираат од нивното лошо менаџирање со локалната самоуправа, продажбата на Општински имот, задолжување на општината со 100 милони денари и секојдневни проблеми со прекини во водоснабдувањето.“ одговорија од СДСМ.

Тие посочија дека наместо на прес конференции, ВМРО ДПМНЕ треба да излезат помеѓу граѓаните и да ги решаваат реалните проблеми со кои тие се соочуваат.

Лаура Стојанова М-Нет