Нова кујна доби Домот за стари лица во Берово, се реконструира Ламела 4 со 28 нови легла

Беровскиот Дом за стари лица „д-р Иван Влашки“ доби сопствена кујна. Станува збор за нова просторија, која ќе овозможи храната да се подготвува во самата установа, наместо да се набавува преку кетеринг-услуга. Според директорката на Домот, ова е резултат на нивниот стремеж да ги слушнат барањата и потребите на корисниците.

„Домот добива сопствена кујна каде што храната ќе се приготвува во самата установа, што досега беше преку кетеринг-услуга. Ова е од големо значење за установата и за самите корисници, каде што ќе има можност храната да се подготвува и прилагодува според потребите на корисниците“, истакна директорката на Домот, Живка Бојчевска-Каламадевска.

Новата кујна е инвестиција од Локалната самоуправа. Според градоначалникот, Звонко Пекевски, ќе понуди нова услуга за самите корисници во Домот за кој има голема побарувачка. Поради тоа капацитетите се зголемуваат, односно за само три години Домот добил нови 24 легла.

„Објектот е изграден со сопствени средства од општинскиот буџет во вредност од околу 10 милиони денари и истиот ќе понуди нова услуга за самите корисници. Сметаме дека преку обезбедување на сопствен оброк за корисниците во Домот за стари лица, ќе се подобрат условите, корисниците ќе бидат позадоволни, а ќе се овозможат дополнителни работни места и дополнителни социјални услови

Преку Министерството за труд и социјална политика, Домот во Берово ќе добие уште 28 нови легла. Министерката Тренчевска, која беше присутна на денешниот настан, посочи дека Министерството во 2021 година финансирало набавка и монтажа на опрема во вредност од над 1.300.000 денари со капацитет за 10 лица.

„Министерството за труд и социјална политика во моментов инвестира за во градежни работи за реконструкција и адаптација на деловен објект бр. 4 во Домот за стари лица „д-р Иван Влашки“. Инвестицијата е во вредност од над 11 милиони денари, со што ќе се зголеми капацитетот за 14 соби, односно за 28 лица. Со оваа инвестиција моменталниот капацитет од 39 легла се зголемува на 67 легла“, истакна министерката Тренчевска.

Министерката Тренчевска истакна дека во моментот во тек се координации со Општина Пробиштип за продолжување на изградбата на Домот за стари лица, а ги повика и останатите Општини да аплицираат со проекти.

Ребека Спасова М-Нет