
Ниту една казна не може да го врати човечкиот живот назад, на изрекувањето на максимални казни треба да дадат резултат во иднина. По последната пресуда на штипскиот Суд за доживотна казна затвор на убиецот на Емилија Пешева, адвокатите велат дека има надеж за подобрување на ситуациите во иднина вакви дела да не се повторуваат. На ваков начин се дава и поддршка на жртвите да пријавуваат и да не трпат каков било вид на насилство.
„Доживотната казна затвор која е изречена од страна на штипскиот Суд е прва за ваков вид на кривични дела, родово базирани во кои што жртвата го изгуби својот живот. Како преставник на здружението и како адвокатка која застапува жртви на семејно насилство можам да кажам дека било која казна за секоја жртва не може да биде доволна сатисфакција затоа што ниту една казна не може да го врати човечкиот живот. Но изрекувањето на максимални казни треба да вродат со плод во иднина“ – вели Андонова.
Пречка за ефикасен прогон на насилниците е актуелното законско решение, според кое по службена должност кривично се гони само насилник кој нанел тешки телесни повреди на жртвата. Доколку повредите не се тешки, за прогон на насилникот треба согласност од жртвата. Здруженијата за заштита на жените бара измени на кривичниот закон
„Нашите Закони не се во целост усогласени со Истамбулската конвенција и токму поради тоа сакам и оваа пресуда да одекне како апел до јавноста. Во моментот кога се подготвуваат нови измени на Кривичниот законик да се вметнат и измените, особено на член 130 став 2 да се воведе гонење по службена должност, односно семејното насилство да не се врши по предлог каде најчесто жртвите попуштаат“ – додава Андова.
Според правниците, пресудата доживотен затвор за убиецот на Емилија ќе влијае врз генералната превенција од родово базирани насилства.
Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет